Аквадукт - дузина кратки раскази
Веќе ја имате купено книгата? Најавете се за да го провериме Вашиот пристап.
Опис
... Аквадукт е книга на сеќавањето и потсетувањето. Сите ние живееме покрај минатото, со минатото, обликувани од минатото. Расказите во оваа книга му оддаваат почест на минатото, каде што се зародени нашата сегашност и иднина. Животот е континуитет на генерации, след на настани, во кои учествуваат живи луѓе, со свои чувства, знаења, намери и дејства. Без сеќавањето сме небаре кусогледи, очите го гледаат само она што нè опкружува, а немаме ни осет ни свест за нешто повеќе од тоа. Ако не нè интересира минатото и нештата што ни ја подготвуваа нашата егзистенција, дали со тоа изјавуваме дека сме слепи и за иднината, каде што ништо не може да ни ја навести, освен токму она што сме ние денес, што го правиме и што ни се случува - и она што сме биле, што го правеле нашите и што ним им се случувало?! ...
Д-р Кирил Темков
... Ова дело ни нуди една навистина невообичаена синтеза на историјата, традицијата, реалното и иреалното, сонот и стварноста, сегашноста и нејзиното разоткривање низ богатите слоеви на нашето минато. Малку се делата во нашата современа литература и уметност кои за своја тема имаат некој од значајните споменици низ кои се прекршува судбината на народот низ призмата на повеќе интимни човечки истории. Ова е едно такво ретко дело во кое се сублимирани историјата, традицијата и современоста. Тоа се раскази кои може да се читаат како роман, но и роман со нагласена драмска структура, кој лесно може да се преточи во драмско дело ...
Данило Коцевски