Лазаринка Трендовска-Зинка е родена 1954 година во Ново Село, Штип. Основно училиште и гимназија завршува во Скопје. Дипломирала на Економскиот факултет во Скопје, така што подолги години од работниот стаж ги поминала работејќи во странски компании во Скопје.
Од најмала возраст се занимава со музичка активност, учествувајќи на многубројни меѓународни хорски натпревари како член на хор. Литературната дејност е постојано присутна во нејзините активности, така што учествува со свои творби – поезија и проза на многу литературни средби и манифестации.
Своето творештво во јавноста го презентира со издавање на монографијата „Трајко Трендовски“ во 2017 година. Книгата зборува за целокупниот живот на нејзиниот татко Трајко Трендовски во рамките на неговата револуционерна активност и подоцна, како активен учесник во изградбата на новата Република. Со промоцијата на книгата за својот родител, Зинка Трендовска учествуваше во програмата за одбележување на 73 години слободен Штип на третти ноември 2017 година во НУ Библиотека „Гоце Делчев“ во Штип.
Во 2018 година Зинка Трендовска објавува нова збирка поезија насловена „Патишта“, која наиде на симпатии и беше прифатена меѓу читателската публика.
Во врска со споменатата збирка, значајно е да се напомене дека последното учество на Трендовска беше на десетти март 2018 година на поетската манифестација „Поетска гала“ Милица Паулус 2018, каде што ја доби најголемата награда „Виктор на поезијата“ за најубава песна, објавена во книгата (поезија) под наслов „Патишта“. Збирката „Патишта“ ја освои и втората награда за објавена книга поезија меѓу две последни средби на Здружението на просветни работници, литературни творци на РМ.
Во истата 2018 година излезена е уште една збирка поезија на Трендовска под наслов „Патишта мои“, со која што учествуваше на Меѓународната културно-поетска манифестација „Анте Поповски-Антево перо“. За своето учество Трендовска доби благодарница за посебен придонес и афирмација на споменатата манифестација. Забележливо е нејзиното учество на повеќе литературни манифестации, особено на манифестациите од хуманитарен карактер. Тоа е голем потстрек за неа, освен помалите литературни творби да отпочне со пишување на посериозни литературни дела во иднина.
Согласно на тоа, со издавањето на книгата „Православна жена“ во 2019 година, Трендовска продлабочено и во целост го претставува ликот на Македонската православна жена во ликот на својата мајка.
Потоа следува книгата поезија под наслов „Духовен бунар“, издадена во 2019 година, каде што рецензентот Горан Анчевски пишува дека Трендовска во својот поетски немир достигнува до ѕвездите како водилки на љубовта и надежта.
Во наредната своја книга со помалку необичен наслов „Бескрајност“, издадена во 2019 година, рецензентот Чедомир Шокиќ наведува дека „Трендовска на необичен начин го има претставено животниот пат на човекот преку сите копнежи, моралните двоумења како и падови и издигнувања. Едноставно, зачудувачки е колку нејзините песни се чисти, искрени и чесни, во време во кое владее една духовна и егзистенционална криза“.
Според рецензентката Мр. Љерка Тот Наумова, најновата стихозбирка „Безгранично пространство“, издадена во 2020 година, претставува видливо творечко зреење, говор на неискажливото, поетски предизвик и поетските пројави и непрестана пулсација на космичкиот немир како двигател на создавањето меѓу менливото и вечното.“
Врз основа на досегашното презентирано творештво, сметаме дека од Трендовска Зинка (Лазаринка) со право можеме да очекуваме уште позначајни и големи литературни остварувања како во прозните дела, исто така и под нашето поетско небо.